Под мотото „Музеите како културни средишта, иднината на традицијата” денеска во Куманово музеите од државата го одбележуваат Меѓународниот ден на музеите, 18 мај. Претставници од музеите од државата со свои излагања ги поврзаа минатото и иднината и упатија порака да се подобри работата на музеите, да се валоризира културното наследство, а музеите како архивари на нашето богато културно материјално и духовно богатство на најдобар начин да ни ја претставуваат традицијата преку артефакти, експонати и видео записи како трајни културни вредности.
Претседател на националниот комитет на ИКОМ Маја Чанкуловска-Михајловска, рече дека целта на музеите и на организацијата е да ја подигне јавната свест за улогата на музеите во развојот на општеството.
– Со задоволство можам да кажам дека на Меѓународниот ден на музеите во 2018-та година се организираа настани во 158 земји и региони во светот. Оваа година темата носи наслов „Музеите како културни средишта, иднината на традицијата”, па тука ќе ја опфатиме- улогата на музеите како активни учесници во нивните заедници и улогата на музеите во општеството која активно се менува. Тенденцијата е музеите да станат интерактивни, фокусирани кон публиката и заедниците, флексибилни, прилагодливи и мобилни. Тие стануваат културни средишта и функционираат како платформи каде посетителите можат заедно да осознаваат и споделуваат информации, вели Чанкуловска-Михајловска.
Овој септември ќе се редефинира и основната дефиниција за музеите, рече Чанкуловска-Михајловска, а иновативните начини на справување со модерните социјални проблеми, преку локално делување ќе придонесат за олеснување на глобалните проблеми се фокус на зедницата. Постојаниот раст на музеите во нивната улога како културни средишта, изнаоѓањето нови начини на вреднување на нивните колекции, историја и наследство, традиција, имаат нови значења за идните генерации, а трансформациите имаат длабоко влијание на музејската теорија и пракса.
Претседателката на Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, рече дека благодарение на стручните лица од Националната Установа Музеј на град Куманово кои се занимаваат со истражување од областа на археологијата, историјата, историјата на уметност, конзервацијата, етнологијата и заштитата на музејскиот материјал, музејот се вбројува во еден од побогатите региони со културно историски споменици.
– Пред се тука треба да се споменат Татиќев камен во Кокино, Градиште во Пелинце, Костоперска карпа во Младо Нагоричане, Визијанус во Клечовце и многу други. Особено треба да ги споменеме монументалната црква во Старо Нагоричане и манастирот во Матејче од византискиот период како и црквата Свети Никола од Куманово од преродбенскиот период. Годинава, Куманово по втор пат е прогласен за град на културата, а воедно прославува и 500 години постоење-рече Мургашанска
Од Општината велат дека се залагаат за унапредување на музејската дејност, но посочија дека ни недостасува уште една институција од областа на заштитата на културното наследство, Конзерваторски центар.