Основната цел на средбата беше да се намали тензиите во Егејско Море за да не произлезе несреќа, нешто што не го сака ниту една од двете страни, изјави шефот на грчката дипломатија по средбата со неговиот турски колега на маргините на 129. сесија на Комитетот на министри од Советот на Европа во Хелсинки, јави дописничката на МИА од Атина.
Јоргос Катругалос и Мевлут Чавушоглу на средбата ги повториле нивните познати ставови, а министерот за надворешни работи на Грција побарал да запрат турските прекршувања.
– Категорично ја пренесов нашата осуда за едностраните незаконски постапки на Турција во ексклузивната економска зона на Кипар и побарав да запрат. Но, паралелно, разговаравме за потребата да се намалат тензиите во Егејско Море, за да прекинат прекршувањата во нашиот воздушен простор, истакна Катругалос по средбата со Чавушоглу.