Намалување на невработеноста кај младите, интегрирање на домашните компании на меѓународните пазари и борбата против сивата економија се трите клучни предизвици кои ќе се опфатат во Програмата за економски реформи 2020-2022, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на Економскиот и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува во Брисел.
Тевдовски, обраќајќи се на дискусијата за структурни реформи со цел привлекување странски директни инвестиции, истакна дека ќе се поддржи вмрежувањето на домашните компании на меѓународните пазари. Тој посочи дека преку Рамката за соработка со Светска банка ќе се обезбеди поддршка за привлекување на странски директни инвестиции од високо продуктивни и извозно ориентирани сектори, вмрежување на домашните микро, мали и средни компании на меѓународните пазари и инвестирање во проекти за технолошка модернизација.
-Исто така, ќе се настојува да се поврзат странските директни инвестиции со домашните, особено малите и средни компании, што ќе овозможи креирање на нови работни места и вон технолошко-индустриските зони – рече Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека еден од приоритетите на Владата е намалување на невработеноста кај младите и ја посочи младинската гаранција како еден од проектите насочени кон тоа.
Тевдовски истакна и дека ќе се продолжи имплементацијата на Акцискиот план за намалување на сивата економија. Целта е да се поттикне креацијата на формални работни места, како и да се поттикне поголемо учество на жените на пазарот на труд.
Инаку оценките на Европската комисија за реализацијата на проектите и мерките од Програмата за економски развој од минатата година покажуваат дека Албанија и Макдонија во регионот имаат највисока реализација.