Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамки на денешните активности од работната посета на Талин, беше примен од премиерот на Естонија, Јури Ратас, оствари средба со естонскиот колега, Урмас Реинсалу и се обрати пред Комитетот за надворешни работи во естонскиот Парламент.
На средбата со премиерот Ратас, соопшти МНР, беа опфатени прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија, процесот на заокружување на постапката за полноправно членство во НАТО и потенцијалот за збогатување на билатералната соработка.
-Благодарни сме за силната поддршка од Естонија за нашата европска перспектива. Естонија и Балтикот се пример за тоа како еден регион може да се обедини позади заедничките интереси и да создаде позитивна соседска динамика. Како земја и како регион можеме многу повеќе да постигнеме доколку следиме вакви примери и се фокусираме на утрешнината, истакна Димитров на средбата со Ратас.
Во фокусот на средбата со Реинсалу, наведуваат од МНР, повторно беше европската перспектива на земјата и важноста од валоризација на постигнатото и искористување на позитивниот моментум. Воедно беа разгледани прашања поврзани со идното сојузништво во НАТО и искористување на потенцијалот за збогатување на меѓусебната соработка во одредени сфери, пред се во делот на образованието и дигиталната технологија.
-Не охрабрува посветената и недвосмислена поддршка на Естонија за нашата европска иднина. Направивме целосен пресврт и продолжуваме со посветена работа дома во делот на реформите и надвор со нашите соседи и меѓународни партнери. Создадовме ретко успешна приказна која треба да биде препознаена и зацврстена преку отворање на пристапните преговори со ЕУ. Тоа ќе биде силен мотив за нас и јасен сигнал за целиот регион, потенцира Димитров на средбата.
Пред претседавачот Ен Есма и членовите на Комитетот за надворешни работи, Димитров исто така се осврна на напредокот на Северна Македонија во делот на клучните реформски области и добрососедската политика, како силни аргументи за добивање зелено светло и отпочнување на следната фаза од процесот на интеграција во ЕУ до крајот на годинава. Беше разговарано и за текот на парламентарната процедура за ратификација на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО, при што естонските пратеници уверија дека очекуваат процедурата да биде заокружена во наредните недели. Воедно беа разменети мислења и за можностите за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји и регионалната динамика.
Работниот престој на Димитров во Талин продолжува вечер со негово присуство на официјалното отворање на конференцијата Ленарт Мери насловена „Едно минато, многу иднини” и свечената вечера што по тој повод ја приредува претседателот на Естонија, Керсти Калјулаид. Во текот на утрешниот ден шефот на дипломатијата Димитров ќе учествува на панелот „Дали малите ќе истраат?: Балканот во струите на стратешките интереси”, а предвидени се и повеќе билатерални средби на маргините на конференцијата.