Светиот архиерејски собор на Српската православна црква (СПЦ) денеска ја потврди позицијата на СПЦ дека Косово е „составен дел на суверената територија на Србија” и ја отфрли како неприфатлива „каква било промена на статусот на Косово, која води или кон признавање на Косово како независна држава или на каква било варијанта на територијална поделба, без кое не е можно разграничувањето”.
Во соопштението по редовното мајско заседание, Соборот на СПЦ ги отфрли решенијата како што се признавање или поделба, наведувајќи дека тоа „неизбежно ќе доведе до иселување на мнозинството од преостанатиот српски народ што живее во мнозинските албански заедници во Косово и до непроценлива штета на српското духовно и културно наследство”.
Соборот, исто така, оцени дека овој став „на ниту еден начин не значи поддршка на идејата за т.н. замрзнат конфликт”, туку преставува повик „до сите политички фактори да продолжат со дијалогот, без притисоци и уцени”.
– Затоа, ние силно го охрабруваме секој одговорен дијалог кој треба да придонесе за владеење на правото и законот и помирувањето меѓу сите народи што живеат во Косово како јужна покраина на Србија, се наведува во соопштението на Светиот архиерејски Собор на Српската православна црква.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот на покана на поглаварот на СПЦ, патријархот Иринеј разговараше за косовското прашање со членовите на Светиот архијерејски собор на Црквата.