Петнаесетгодишен тинејџер бил нападнат од група луѓе додека делел летоци за кампањата на популистичките Шведски демократи (СД) за претстојните избори за Европскиот парламент, пренесува „Брејтбарт“ повикувајќи се на шведските медиуми.
Инцидентот се случил на главниот плоштад во градот Борас, каде што Шведските демократи поставиле пункт како дел од својата кампања во ЕП и се случил по претходниот инцидент во кој тинејџерот беше испрскан со сода.
Тинејџерот по првиот инцидент се обидел по половина час да го фотографира напаѓачот во близина на железничката станица во градот, но бил нападнат од повеќе други лица кои почнале да го тепаат.
„Кога виделе дека момчето фотографира, физички и вербално го нападнале и му го зеле телефонот. Сакале да се погрижат да ја снема фотографијата”, вели претседателот на локалниот огранок на партијата, Андреас Екснер.
Според Екснер, тинејџерот веднаш се вратил на изборниот пункт и го пријавил инцидентот во полиција.
„Ваквите инциденти ги обесхрабруваат младите луѓе да се вклучат во политиката. Се надевам дека можните сведоци ќе контактираат со полицијата “, вели тој.
Претходно, локална политичарка од Стокхолм и член на Шведските демократи била нападната и нејзиниот дом бил запален. Локалната полиција соопшти дека го истражуваат инцидентот, но сé уште не идентификувале осомничени лица.
Крајнолевичарските напади врз популистите не се невообичаени во Шведска, а неколку напади се случија во последниве години, вклучувајќи го и нападот врз домот на лидерот на партијата, Џими Акесон. Уште еден напад се случи за време на изборната кампања минатата година во Гетеборг, кога маскирани лица запалиле една од изборните канцеларии на партијата.