Во ситуација кога ниту една од политичките партии во Албанија не презема чекори за надминување на кризата, албанскиот претседател Илир Мета упати силна порака дека е време политичарите да преземат одговорност, да се повикаат на здравиот разум и да не бидат егоисти за да не ги втурнат Албанците во граѓански конфликт.
Според него, власта и опозицијата треба да бидат поодговорни и посвесни за последиците што може да произлезат, доколку земјата оди во граѓанска конфронтација.
– Мислам дека оваа ситуација не треба да постои по 22 години од ситуацијата во која се најде Албанија во 1997 година, која беше една многу лоша година. Сите да се повикаат на разумот и да ги преземат своите одговорности. За нечии целосно егоистички и окултни интереси, Албанија нема зошто да оди во конфронтација, ниту пак Албанците. Тие одлучија за соживот на демократски начин, изјави Мета по учеството на третата Национална конференција за индустријата на лековити и ароматични билки, што се одржува во Тирана.
Мета одговори и на прашањето околу изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, кој на прес-конференција деновиве рече дека не бил повикан од шефот на државата за решавање на политичката криза.
– Никој не може да ја пренесе одговорноста на друг, уште повеќе на претседателот на Републиката. Тие многу добро знаат што да прават и треба да бидат свесни за последиците што ќе ги имаат доколку ја одведат земјата во конфронтација, нагласи Мета.