Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ги потпиша указите за прогласување на законите за судовите, за управни спорови, за прекршоци и за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Станува збор за системски закони, чии укази за прогласување не беа потпишани од претседателот Ѓорге Иванов.
Претседателот Пендаровски, соопштија од неговиот Кабинет, го потпиша и указот за прогласување на Закон за енергетика.
Претседателот Пендаровски смета дека донесувањето на овие закони и нивната идна имплементација е од витален интерес за граѓаните на Република Северна Македонија.
Со донесувањето на законот за судови, како што се посочува, се исполнува едно од клучните барања на Европската унија, а со цел одредување на датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија.
Со одредбите на Законот за судовите ќе има јасни и прецизни постапки за именување и унапредување на судии, како и за разрешување на судии и нивна дисциплинска одговорност. Со новиот Закон за управните спорови граѓаните добиваат ефикасна правна заштита на своите права во управните спорови. Се зголемува транспарентноста и јавноста на постапките преку задолжителна јавна расправа. Со новиот Закон за прекршоци, граѓаните ќе плаќаат пониски казни. Овој закон директно влијае на буџетот на граѓаните бидејќи истиот предвидува опомена пред казна, но и значително намалување на казните, се истакнува во соопштението.
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, како што се потенцира, ќе се унапреди функционирањето на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковен договор и принципите кои произлегуваат од овој Договор, и ќе се овозможи унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија.
Новиот Закон за енергетика предвидува замена на фосилни горива со енергија добиена од обновливи извори. Со тоа се создава основа за решавање на едно од најгорливите прашања во нашето општество, заштита на животна средина и здравјето на луѓето, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.