Неочекувано, по речиси тримесечен бојкот, во работата на албанската Централната изборна комисија (ЦИК) денеска се врати претставникот на опозициската Демократска партија (ПД), Нијази Косоврасти, што дополнително ги подгреа гласините за таен договор меѓу премиерот Еди Рама и лидерот на демократите Љуљзим Баша за излез од кризата во земјата.
Како што јави дописничката на МИА, Косоврасти по пристигнувањето побарал Комисијата да ги регистрира имињата на претставниците на опозицијата за членови на Општинските изборни комисии и избирачки одбори.
На тоа следувала остра расправа меѓу него и потпретседателот на Комисијата, Денар Биба, кој му посочил на Косоврасти дека сите рокови за тоа се изминати и дека неговата партија не е ни регистрирана за учество на изборите. Косоврасти се повикал на член во Изборниот законик кој го дозволува тоа, по што не изостанеле ни меѓусебни навреди.
Инаку, иако ПД и втората по големина опозициска партија, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) не се пријавија за учество на локалните изборите и категорично тврдат дека нема да дозволат нивно одржување на предвидениот термин 30 јуни, тие сепак одлучија да имаат свои кандидати во општинските изборни комисии (ОИК) и избирачките одбори (ИО). Поради ненавременото пријавување, ЦИК местата на опозицијата во ОИК и ИО ги пополни со лица од граѓанскиот сектор.
Генералниот секретар на ПД, Газменд Барди, по различните реакции на ненадејна одлука на опозицијата рече дека на овој чекор се одлучиле за да ја „документираат незаконитоста што премиерот Еди Рама ја прави со изборите”.
– Демократската партија и Социјалистичкото движење за интеграција имаат официјални информации за манипулации на изборниот процес, почнувајќи од нелегалната регистрација на кандидати за градоначалници. Поради оваа причина, со цел да ја документираат и разобличат оваа незаконитост, ПД и ЛСИ можат да го искористат законот за испраќање на свои претставници за да докажат дека Еди Рама не гарантира легитимни избори, дури и кога нема противкандидати. Во наредните денови ќе ги верификуваме сите незаконитости извршени од страна на претставниците на Еди Рама, изјави Барди.
Според него, ова е во служба на каузата на опозицијата да се гарантираат слободни и фер избори.
Барањето на опозицијата за вклучување во изборните органи доаѓа само ден откако координаторката на новата пратеничка група на Демократската партија(ПД), Рудина Хајдари од собраниската говорница обвини дека постои таен договор меѓу Рама и Баша
На ваквото тврдење реагираше координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија (ПС), Таулант Бала, кој рече дека нема никаков договор и оти локалните избори ќе се одржат според планираното.