Украинскиот министер за надворешни работи, Павлo Климкин, поднесе оставка, пренесува ТАСС повикувајќи се на видео објавено на Фејсбук страницата на Климкин .
„Како што ветив, само што ја потпишав мојата оставка”, рече тој.
Климкин објасни дека ќе го испрати писмото до Врховната Рада и до украинскиот претседател Владимир Зеленски по неговата инаугурација на 20 мај.
Според министерот, тоа е правилна постапка од гледна точка на политичката култура бидејќи новоизбраниот претседател има право да формира свој тим за надворешна политика и да ја воспостави својата стратегија за надворешна политика.
„Но, реков дека сум подготвен да го поддржам кога е потребно и онаму каде што нашите убедувања и визијата се совпаѓаат”, додава Климкин.
Климкин, исто така, ја објави својата намера да се кандидира за украинскиот парламент.
„Јас разбирам што сакаат Украинците, но исто така разбирам што очекува светот од нас. Имам многу различни идеи и се надевам дека ќе ги спроведам, поради што продолжувам да одам напред во политиката, до Врховната Рада, со тим чии убедувања и визија за иднината ги споделувам “, истакна тој.
Климкин е министер за надворешни работи на Украина од јуни 2014 година.