Уставниот совет на Франција денеска ја отфрли една од последните жалби поднесени од поранешниот француски претседател Никола Саркози против негово судење во случајот Бигмалион, со што судскиот процес против него е речиси неизбежен, јави дописникот на МИА.
Поранешниот претседател беше испратен во февруари 2017 година пред Кривичниот суд поради „нелегално финансирање на кампањата”, односно надминување на дозволениот праг на изборните трошоци, кои изнесувале повеќе од 20 милиони евра.
Тој тврди дека не може да му се суди бидејќи тој веќе бил казнет парично во 2013 година за ова дело од страна на надзорните органи.
Уставниот совет смета дека финансиската и кривичната санкција се од поинаква природа и се однесуваат на различни „општествени интереси”. Всушност, паричната казна беше да се обезбеди „еднаквост меѓу кандидатите во текот на изборната кампања”, а кривичното гонење има намера да ги „казни сите прекршувања на чесноста на кандидатите и избраните претставници.”
Никола Саркози се повлече од политиката, и тој ќе биде втор поранешен шеф на француската држава на кого ќе му се суди во политичко-финансиска афера. Жак Ширак (1995-2007) беше осуден во 2011 година за предметот на фиктивни работни места во градското собрание во Париз.