Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, предложи распишување на предвремени избори во земјата откако вицеканцеларот и негов коалициски партнер, Хајнц-Кристијан Штрахе поднесе оставка по она што тој го нарече политички атентат”.
„Денеска на претседателот му предложив да одржи вонредни избори во Австрија што е можно поскоро“, рече австрискиот канцелар.
Курц ова го рече во вонредно обраќање до јавноста, откако беше обелоденета видео-снимка од 2017 година, на која се гледа како на наводна внука на руски милијардер, Штрахе и нуди државни работи за финансиска помош на неговата партија.
„Лесно можев да се задржам на власт со промена на луѓе во владата и со однос како ништо да не се случило, или пак да извршам промена во лет воведувајќи ја Социјалдемократската партија (СПО), што ќе направеше застој во функционирањето на владата, што лично јас го критикував со години и не и треба на нашата земја. За мене лично тоа не се правилни потези, бидејќи во политиката влегов не за да држам функции, туку да учам и служам на земјата и граѓаните“, објасни Курц.
Според упетени извори од австриското владејачко мнозинство Слободарската партија (ФПО) на Штрахе не била подготвена да ја жртвува позицијата на министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, што очигледно бил услов на канцеларот Курц за да ја продолжи соработката со ФПО, но под раководство на Норберт Хофер.
Пред седиштето на австриската влада, каде Курц се наоѓа од утринава, за предвремени избори протестираа илјадници луѓе, пренесоа австриските медиуми.