По објавувањето на видео снимката на која се гледа како австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе за бизнис услуга бара финансиски надомест од девојка која се претставува како внука на руски олигарх, канцеларот на Австрија, Себастијан Курц одбива секаква понатамошна соработка со неговиот заменик, соопштија денеска владини извори во Виена.
Германскиот магазин „Шпигел” синоќа објави снимка, направена на 24 јули 2017 година на шпанскиот остров Ибица, на која се појавуваат Штрахе, кој е лидер на екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО) и неговиот партискиот потпретседател Јохан Гуденус, во разговор со наводната внука на рускиот олигарх, која тврди дека сака да купи удел во виенскиот весник „Кронен Цајтунг”. Видеото насловено „Дали може да се купи австрискиот вицеканцелар”, го снимиле новинари на „Шпигел”, кои во соработка со колеги од „Зидојче Цајтунг”, му го наместиле целиот случај на Штрахе.
Според извори во ФПО, Штрахе денеска ќе има средба со Курц, при што ќе му пренесе дека партијата сака да ја продолжи коалициската соработка со конзервативна Австриска народна партија (ОВП) на канцеларот, со тоа што на нејзино чело наместо него би застанал актуелниот партиски потпретседател и австриски министер за инфраструктура и сообраќај Норберт Хофер.
Хофер на ланските претседателски избори во Австрија беше кандидат на ФПО и оствари забележителен резултат, пласирајќи се во вториот круг, каде беше поразен со мала разлика од актуелниот австриски претседател Александер Ван дер Белен.
Австриските медиуми оценуваат дека засега е нејасно дали Курц ќе прифати продолжување на коалициската соработка со ФПО.
Некои медиуми објавија и дека Штрахе во текот на денот ќе поднесе оставки на функциите вицеканцелар и лидер на ФПО.
Инаку, на синоќа објавената видео снимка наводната внука на рускиот олигарх вели дека сака да инвестира 250 милиони евра во Австрија и тоа не преку банка и по легален пат, при што во неколку наврати напоменува дека станува збор за „илегални пари”.
Штрахе и Гуденус и ветуваат дека ќе и помогнат во инвестирањето, доколку финансиски ја поддржи нивната ФПО. Снимката е направена во пресрет на ланските парламентарни избори во Австрија.
Австрискиот вицеканцелар дури и објаснува на девојката дека парите не треба директно да и ги даде на партијата, туку преку едно здружение, напомнувајќи дека истото го правеле и други партиски поддржувачи, споменувајќи ги тука сопственикот на компанијата „Глок”, Гастон Глок, фирмата „Новоматик” и олигархот Рене Бенко. Споменатите во меѓу време ги демантираа тврдењата на Штрахе.
Видеото доаѓа на една недела пред изборите за Европскиот парламент, што може да и нанесе сериозна штета на ФПО. Покрај ова, Штрахе и Гуденус може да имаат и правни последици и да се соочат со обвиненија.
Но, од скандалот полза може да има канцеларот Курц, кој би можел да ја раскине коалицијата со ФПО и да распише предвремени парламентарни избори, на кои постои голема веројатност неговата Народна партија да обезбеди мнозинство во Парламентот и самостојно да формира Влада.