Ако во 2014 година „Фајненшл Тајмс“ го прогласи Штип за најперспективен микро град во Европа, денес ние може да го прогласиме за град кој стагнира.
Ако од 2013 до 2017 година Штип беше претворен во големо градилиште, денес во општината градат само семејните фирми на градоначалникот.
Општина Штип доживуваше експанзија на секое поле и растеше во секој поглед. Откако СДСМ дојде на власт градот потона во самодеструкција. Штип веќе ни оддалеку не наликува на студентски и индустриски град во развој во кој младите ќе ја гледаат својата иднина.
Инвестицискиот рај за странските компании во кои работат работници од соседни градови е во фаза на исчезнување, па затоа веќе трета година нема ниту една странска или домашна инвестиција со која би се забрзал економскиот раст и развој во општината.
Во ТИРЗ зоната има нула странски инвестиции после 2017 година. Компаниите се жалат на лошата клима за инвестирање во Штип, па затоа веќе не ја гледаат својата иднина во нашиот град.
Клиничката болница која требаше да биде завршена уште во 2018 година остана карабина која гласно зборува за неспособноста на оваа власт, а автопатот Штип – Миладиновци веќе неколку години само што не е пуштен во употреба.
Градоначалникот во предизборието ветуваше младинска гаранција за вработување на секој студент после завршување на образованието, меѓутоа за тоа веќе нема ни најава дека ќе се случи. Младите масовно се иселуваат од нивниот роден град затоа што овде не ја гледаат својата иднина.
Како резултат на лошото менаџирање на општината од индустриски и административен центар, Штип стана најнеразвиениот град во источна Македонија.