Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, по повод „Скопски цветен фестивал”, што се одржува денеска и утре во Градскиот парк во Скопје, истакна дека, целата идеја е да се направи спој меѓу скопјани и природата, со цел да се научат граѓаните да ја сакаат природата што е можно повеќе.
На овогодинешата манифестација под мотото „Скопје цвета” се претставуваат над 30 изложувачи-цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од областа на екологија.
– Имаме ретка можност за прв пат оваа година во целиот овој систем да вклопиме и вдомување на домашни миленичици, односно кучињата скитници, кои се соодветни истретирани, посочи Шилегов.
Наведе дека се организираат повеќе работилници за деца, со цел од мали нозе да се научат на односот кон природата и зеленилото.
– Целта на фестивалот е на едно место да ги собере сите љубители на цвеќето и природата, урeдувањето на околината, уметници, деца и ученици кои што на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот, да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќето, како и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина, соопштија од ЈП „Паркови и зеленило” во повод „Скопскиот цветен фестивал”.
Во Градскиот парк настапуваат повеќе музички и танцови изведувачи, а посетителите имаат можност да учествуваат и во целодневни активности кои ги нуди програмата, односно да проследат анимации за деца, да вежбаат јога и зумба на отворено, да слушаат музика, да погледнат и учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации.