Со посета на манастирот Свети Наум заврши дводневниот состанок на Заедничкиот комитет за учебниците, напиша на Твитер заменик шефот на грчката дипломатија, Маркос Болари, кој го предводи грчкиот тим во разговорите, јави дописничката на МИА од Атина.
– Дводневниот четврти состанок на Мешаниот интердисциплинарен комитет со мандат од Договорот од Преспа за отстранување на иредентизам од учебниците, заврши со пријателска посета на гостите на историскиот манастир Свети Наум покрај Охридското езеро, напиша Боларис на Твитер, објавувајќи и фотографија.
На состанокот, како што претходно беше наведено во заедничкоро соопштение на Комитетот, делегациите на двете страни во конструктивна и колегијална атмосфера извршија детална и сеопфатна ревизија на наставните планови (курикулумите) по историја, учебниците и помошните наставни материјали (учебни помагала) по историја кои се во употреба во двете земји.
Во заедничкото соопштение се наведува дека „гореспоменатиот материјал треба во најкус можен рок да биде ослободен од какви и да било иредентистички и ревизионистички референци”, соопшти порано денеска МНР.