Во пресрет на изборите за Европскиот парламент и локалните избори во Грција на 26 мај, најголемата опозициска партија во оваа земја, Нова демократија, ја задржува предноста над владејачката Сириза од 6,5 отсто, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Во анкетата објавена од грчкиот весник „Та Неа“, 30 отсто од испитаниците ги поддржуваат конзервативците, додека 23,5 отсто ја поддржале владејачката партија Сириза.
Според податоците од истражувањето, сојузот од левиот центар Движење за промени е поддржан од 6,6% од испитаниците, пред екстремната десница Златна зора со 6,3 отсто и Комунистичката партија на Грција со 5,9 проценти.
Резултатите од анкетата покажуваат дека 63,4 отсто од испитаниците изјавиле оти очекуваат Нова демократија да победи на изборите што ќе се одржат за помалку од една недела, само 17 отсто сметаат дека ќе победи Сириза, додека дури 56,9 отсто од испитаниците велат дека негативно гледаат на актуелната грчка влада, во споредба со 36,3 проценти кои велат дека позитивно ја оценуваат нејзината работа.
Резултатите од изборите за Европскиот парламент и локалните избори што ќе се одржат в недела во Грција се моќен показател за политичките партии во земјата, со оглед на тоа што парламентарните избори ќе се одржат на есен односно во октомври.