Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки присуствува на неформалниот состанок на министри за животна средина на ЕУ, кој денес и утре се одржува во Букурешт, Романија во рамки на романското претседателство со Советот на Европската унија.
Темите на кои министрите за животна средина од земјите-членки на ЕУ, земјите-членки на ЕФТА и земјите-кандидати за пристапување во ЕУ ќе дискутираат се поделени во три сесии.
Првата сесија е посветена на климатски промени, при што фокусот е на иновативните решенија и улогата на граѓаните кон иднина со ниска употреба на јаглерод, преку максимално искористување на можностите поврзани со начинот на живот, циркуларноста и просторното планирање. Посебно е потенцирана потребата од препознавање и зајакнување на граѓанскиот активизам заради неговата улога во инволвирањето на граѓаните во долгорочниот процес на декарбонизација на државата.
Втората сесија се фокусира на резултатите од глобалната проценка на услугите за биолошка разновидност и екосистеми со импликациите за ЕУ рамката и глобалната рамка за биодиверзитет по 2020 година што ја направи Меѓувладината научна платформа за биолошка разновидност и екосистемски услуги (IPBES).
Управувањето со водите и контрола на загадувањето со пластика и микропластика на теченијата на реките до морињата е третата тема на која министерите за животна средина ќе разменат мислења.На денешната средба во рамки на работниот ручек ќе се дискутира и за стратешки прашања и искуства во процесот кон прилагодување на патот кон ЕУ. Домаќини и ко-председавачи на состанокот се заменик на премиерот и министер за животна средина, Грацијала Леокадија Гаврилеску и министерот за води и шуми, Јоан Денеш.