Масимилијано Алегри стави крај на својата петгодишна етапа во Јувентус со подигнатиот трофеј во Серија А, откако изминатава вечер на програмата беше шампионското славје во Торино по крајот на мечот со Аталанта.
Кариерата на популарниот Макс во Торино беше запечатена со реми на средбата со тимот од Бергамо (1:1), бидејќи изминатиов петок стана јасно дека Алегри повеќе нема да биде тренер на италијанскиот првак. Ваквиот расплет беше во најголем дел изненадувачки бидејќи самиот Алегри и управата потврдија продолжување на соработката по болниот пораз од Ајакс, но очигледно времето си го направи своето, па незалечените рани придонесоа да видиме неочекувана разделба.
– Разговарав со претседателот веднаш по поразот од Ајакс и имавме заеднички планови за продолжување на проектот. Но, во последните шест недели стигнавме до друг заклучок. Никогаш не потпишавме договор, или нешто слично. Едноставно сфатив дека за доброто на Јувентус, најдобро е секој да продолжи по својот пат, да има промена. Ако не го направевме ова, постоеше ризик во септември или октомври да имаме големи проблеми. Затоа беше најдобро да се разделиме кога сме високо на врвот. Ми беше кажано дека нема да бидам тренер во петокот. Но, кога го напуштив состанокот во четвртокот, јас едноставно знаев дека повеќе не сум тренер на Јуве. Не ми беше кажано тогаш, но знаев дека веќе сум минато, – откри Алегри кој нагласи дека не планира да прави пауза од фудбалот како некои негови колеги.
– Не планирам да паузирам една година, би го направил тоа само ако сум приморан. Идејата е да пронајдам проект кој ќе ме задоволи. Животот е полн со изненадувања, бидете подготвени за било што, – им порача Макс на новинарите.