Бејл: Ако Реал не ме исплати за заминување, ќе останам и ќе играм голф

Велшкиот напаѓач Герет Бејл (29) нема ништо против да остане во Реал Мадрид, објави шпанскиот весник Sport Bible, повикувајќи се на објава на една радиостаница.

 

„Договорот ми трае уште три години и ако сакаат да се ослободат од мене ќе мора да ми исплатат 17 милиони евра по сезона. Ако не сакаат, ќе останам во клубот и ќе играм голф“, рекол наводно Бејл.

Во меѓувреме, Велшанецот вчера се смешкаше на клупа додека неговите соиграчи во последното коло од катастрофалната сезона губеа дома од Бетис со резултат од 2:0.

Бејл по мечот не излезе на теренот да ги поздрави навивачите, туку се повлече во соблекувалната. На прес-конференцијата потоа, тренерот на „кралскиот клуб“ Зинедин Зидан за неговата иднина рече дека „сѐ е можно“.

Оваа сезона од Бејл се очекуваше да се истакне и да ја преземе одговорноста на Кристијано Роналдо кој минатото лето премина во Јувентус, но Велшанецот не играше нешто подобро од вообичаено.

Големиот проблем за Реал е неговиот голем договор од 17 милиони евра по сезона што истекува дури во 2022 година.

Треба да знаете
Последни објави