Западниот Балкан се соочува со нерешени проблеми, но за Европа тој и натаму останува перспективен регион, оценија на денешната средба во Софија министрите за надворешни работи на Бугарија и Грција, Екатерина Захариева и Хајко Мас.
По средбата, Захариева соопшти дека покрај за регионот на Западниот Балкан со нејзиниот германски колега разговарале и за односите меѓу ЕУ и Турција, за состојбата на Блискиот Исток, како и за билатералната соработка.
Мас по средбата се осврна и на претстојните избори за членови на Европскиот парламент, нагласувајќи дека тие се многу важни за ЕУ.
– Се надевам дека во следниот Европски парламент нема да има многу пратеници кои ќе пречат. Потребна ни е солидарна Европа. Европскиот глас ќе има поголема тежина во светот, само ако сме единствени, изјави Мас, повикувајќи ги бугарските граѓани да излезат на гласање и да не им се препуштат на популистите и националистите.
Посетата на Мас на Бугарија, која се поклопува со 140-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Софија и Берлин, е по повод поставувањето на камен темелникот за изградбата на новата зграда на Германската амбасада во бугарскиот главен град.