Прирачник за практична употреба на правото за зачувување на животната средина инспириран од повеќегодишната борба за зачувување на Националниот парк „Маврово” објавија еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42″ и Еуронатур.
На околу 70 страници прирачникот содржи повеќе студии на случаи и селекција на инспиративни акции и настани, како и помошни алатки за користење на Архус конвенцијата за пристап до информации и учество на јавноста во носење на одлуки поврзани со животната средина, како и Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и нивните живеалишта.
Според Александра Бујароска од Фронт 21/42 и еден од авторите на прирачникот, тој е наменет за сите кои сакаат да научат како да ги користат законските права за да влијаат врз одлуките кои ја афектираат природата и животната средина.
– Прирачникот дава објаснување на правните алатки и механизми кои ги користевме во нашата речиси 10-годишна борба за зачувување на Националниот парк „Маврово” и појаснување како да ги употребите истите во процесите на донесување на одлуки во врска со хидроенергетските проекти во заштитени подрачја, вели Бујароска, во соопштението од Фронт 21/42 .
Прирачникот „Користете ги правните алатки и механизми за заштита на животната средина – Инспирирајте се од приказната за националниот парк Маврово и зачувајте ги последните диви и слободни реки во Европа” е достапен на македонски и англиски јазик.