Фудбалската федерација на Македонија и Фондацијата за деца на УЕФА денеска во СОС Детско село официјално пуштија во употреба фудбалско игралиште.
На денешното отворање на теренот со вештачка трева во рамки на СОС Детско село присуствуваа и раководните луѓе на ФФМ, претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски.
– СОС Детското село повеќе од 15 години посветено работи и се бори за заштита на детските права во нашата земја, а овој придонес на ФФМ во реконструкцијата на фудбалското игралиште е наша поддршка, не само за вас, туку и за сите деца од заедницата кои ќе го користат овој терен. Од мое и од името на Фудбалската федерација на Македонија ви честитам за реализацијата на проектот, убеден сум дека ова ќе биде инспирација повеќе деца да играат и да уживаат во фудбалот, затоа што – Фудбалот е за сите, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Целта на проектот под слоганот „Обединети во радоста што ја носи фудбалот” е да го подигне спортскиот дух на децата и младите без родителска грижа и да го зајакне нивниот ментален развој низ призмата на тимска работа, соработка и мотивација за постигнување на резултати.