Хируршкото одделение во струшката општа болница е под клуч. Лекарите и другиот медицински персонал се во карантин. Во функција е само хируршката амбуланта. Ова е затоа што повеќе од 50% од здравствените работници во ова одделение се заболени од мали сипаници, морбили. Комисијата за хоспитални инфекции во рамките на болницата вчера ја донела ваквата одлука, а денес за тоа биле известени Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и Републичкиот санитарен инспекторат, објави Алсат.
„Вчера се донесе одлука привремено да биде затворено хируршкото одделение и да не се примаат пациенти кај нас, односно да се препраќаат во најблиските болници каде треба соодветно да се згрижат. Во Македонија е прогласена епидемија на морбили, но интересна работа е што нашиот медицински персонал скоро 50% од нив се разболе од морбили и е фактички нефункционален“, рече Владимир Кочовски- началник на хируршко одделение.
Веќе закажаните пациенти за операции биле информирани за новонастанатата ситуација, а итните случаи ќе се препраќаат во Охрид или во други болници.
„Екипа не може да се оформи затоа што сме десеткувани. Пола од хирургија и анестезија која се наоѓа кај нас е на боледувањe“, додава Кочовски.
Првично рокот до кога хирургија ќе биде затворена е 28 мај, а што понатаму никој не знае.
Фото: Алсат