Владата пристапува со внимание и сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион години наназад, истакнуваат во соопштение од владината прес-служба откако денеска проструи веста дека УНЕСКО препорачува Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство.
„Долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за езерото и националниот парк беа причина УНЕСКО да испрати мониторинг-мисија во април 2017 година. Од почетокот на својот мандат, Владата активно се посвети на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и граѓанскиот сектор“, стои во владиното соопштение.
Во него се додава дека предлог-одлуката на УНЕСКО, која не е финална, треба да биде стимул за сите институции и за граѓаните да се работи со поголем интензитет за да го зачуваме нашето уникатно светско наследство.
„Владата смета дека е остварено поместување во исполнување на препораките и дека крајната одлука треба тоа јасно да го рефлектира. Преостанува уште работа и во наредниот период фокусот ќе биде ставен на исполнување на останатите препораки на УНЕСКО“, нагласуваат од владината прес-служба, додавајќи дека тоа мора да биде остварено бидејќи природното и културно наследство на Охридскиот Регион не припаѓа само нашата земја, туку на целиот свет.