ВМРО ДПМНЕ: Веруваме дека со новите безбедносни закони времињата на злоупотреба на безбедносните служби ќе завршат

Реформата на безбедносниот и разузнавачкиот сектор е еден од клучните приоритети на Европската Унија во задачите кон Македонија за добивање на датум за почеток на преговори за членство, како и предуслов за довршување на процесот на интегрирање во НАТО. Во изминатиов период од страна на Владата беа предложени два закони – Закон за трансформација на УБК во нова Агенција за национална безбедност и Закон за координација на безбедносно- разузнавачката заедница. ВМРО ДПМНЕ како најголема политичка партија во Македонија во интерес на државата како и интеграцијата во ЕУ и НАТО  со своите предлози придонесе за квалитативно подобрување на овие закони.

Имено безбедносните и разузнавачки служби беа извор на неколку големи политички кризи во минатото. Тоа не смее да се повтори. За тоа да не се повтори потребни се квалитетни законски решенија. Претставници на ВМРО ДПМНЕ потпомогнати од експерти во областа во изминативе месеци водеа преговори со Владата и успеаа да се усогласат за значајно подобрување на законите за Агенција за национална безбедност и координација на безбедносно – разузнавачката заедница. При преговорите во предвид беа земени и експертските мислења на релевантните меѓународни стручни тела од областа.

По преговорите беше постигнат договор со кој во двата закони се интервенира со околу 50 амандмани со цел подобрување на истите. Во законот за Агенција за националнана безбедност постигнати се подобрувања во делот на заштита на човековите права, поголема контрола од страна на Собранието, начин на избор на директор и заменик директор на АНБ, се воведува категоријата “ судир на интереси“ во најширока можна смисла за сите кадровски решенија. На Собраниската комисија за  надзор на работата на АНБ и Агенција за разузнавање и се дава овластување да предлага разрешување на директорот на АНБ кога ќе оцени дека не ја извршува соодветно својата работа, комисијата исто така за прв пат добива увид во материјално- финансиското работење на АНБ,  како и во начинот на користење на средствата за тн посебни намени, до истата мора да се доставува годишната програма за работа како и цел сет на мерки и активности кои ги презема АНБ, нешто што не беше пракса до сега, исто така раководителот на внатрешната контрола се именува само доколку за предлогот согласност даде надлежната Собраниска комисија што исто така е големо подобрување имајќи предвид дека оваа битна позиција во АНБ ќе ја води човек околу кој ќе има политички консензус.

Со амандманите точно се дефинира тајното собирање на податоци, како и односот кон личните податоци на лицата кој се следени кои не смее да се чуваат подолго од пет години, нешто што исто така не беше пракса до сега кога истите се чуваа неограничено долго. Со законот јасно се потврдува улогата на ОТА без која не може да има следење на комуникации од било кој вид.  Во законот за прв пат се воведува полиграфското тестирање како услов за вработување во АНБ, истото може да се примени и во било кој дел од работниот ангажман. Во законот јасно се прецизира и начинот на преземање на сегашните вработени во УБК во новата АНБ, како и што се случува со тие што нема да бидат преземени. Важно е да се напомене дека со ова законско решение ни еден вработен во постојната УБК нема да остане без работа. Се воведуваат јасни критериуми за безбедносна проверка, како и можноста за повторна безбедносна проверка доколку кандидатот се сомнева во првата безбедносна проверка. Она што исто така е значајно е дека процесот ќе биде транспарентен имајќи предвид дека во комисијата за селекција ќе биде составена од седум члена од кои два ќе бидат претставници на синдикатот на вработените во безбедносните служби како и два пратеници од Собранието кои ќе го следат целиот процес.

Во делот на законот за координација се направени амандмански измени со кои неговата улога јасно се дефинира како оперативна а не стратешка, исто така јасно се определува улогата на Претседателот на државата и Советот за национална безбедност кој согласно Уставот е на врвот на координација на сите  безбедносни институции.

Исто така во најбрз можен рок треба да се пристапи кон изработка и усвојување на закон за собраниски надзорни тела со што надзорот на службите дополнително ќе се зголеми, а  во следниот период на иницијатива на ВМРО ДПМНЕ ќе се изработи и усвои Закон за совет за национална безбедност што ќе е прв пат во историја на државата да се усвои ваков закон за оваа значајна уставна институција, а ќе се работи и на нов закон за Агенцијата за разузнавање.

ВМРО ДПМНЕ верува дека со подобрувањето на овие два закони како и новите закони на кои треба да се работи конечно времињата на злоупотреба на безбедносните служби ќе завршат. Имајќи предвид дека од закон до имплементација има голема разлика ВМРО ДПМНЕ во следниот период внимателно ќе ја следи имплементацијата на законите.

Исто така веруваме дека со подобрувањето на законите и нивното усвојување со политички консензус помеѓу власта и опозицијата ќе придонесе за зголемување на соработката со нашите стратешки партнери. Со овој чекор ВМРО ДПМНЕ покажува дека секогаш интересите на граѓаните за подобра иднина и се на прво место, без било какви политички калкулации.

 

Треба да знаете
Последни објави