Врховниот суд на Грција денеска ќе одржи седница за дозволата на Димитрис Куфодинас, по иницијатива на јавната обвинителка да се отфрли одлуката на судот од Волос за одбивање на барањето, јави дописничката на МИА од Атина.
Кривичниот оддел на Врховниот суд денеска ќе го разгледа барањето на обвинителката донесено во петокот, во врска со дозволата за излез од затвор на еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември”, осуден на 11 доживотни затворски казни. Одлуката, според грчките медиуми не се очекува да биде донесена денеска.
Ако жалбата на обвинителката биде прифатено од советот на судии, тогаш ќе се отвори патот за одново разгледување на барањето на Куфодинас и веројатно е дека тој ќе добие дозвола.
Димитрис Куфодинас од 2 мај започна штрајк со глад откако не беа задоволени неговите барања за добивање седма неколкудневна дозвола за излез од затвор. Неколку дена подоцна, од здравствени причини беше пренесен во болница во грчкиот град Волос (каде што ја отслужува затворската казна), а сега е на одделот за интензивна нега поради влошеното здравје.
Анархистички групи и организации, меѓу кои и „Рубикон”, во изминатиот период извршија низа напади на партиски штабови, продавници, но и на резиденцијата на амбасадорот на САД во Атина во знак на поддршка и солидарност на „мозокот” на „17 Ноември”.
Според грчките медиуми, од 2 мај, денот кога Куфодинас започна штрајк со глад, до денес, регистрирани се 71 инцидент во Атина и 30 во останатите грчки градови, а за половина од нападите има преземање на одговорност.