На предлог на министерството за здравство, Владата на денешната седница ја прифати информацијата за приклучување на државата кон Иницијативата за перформанси на примарна здравствена заштита.
Како што информираат од владината прес-служба, вклучувањето во ова тело овозможува пристап до меѓународна експертиза, вмрежување и зајакнување на капацитетите, но исто така носи и обврски за посветеност кон комплетирање на профилот и заедничка проценка на функционалните капацитети на примарната здравствена заштита.
„Иницијативата е основана во 2015 година, од Фондацијата ‘Бил и Мелинда Гејтс’, Светската здравствена организација и Групацијата на Светска банка и работи на унапредување на примарна здравствена заштита. Нејзината цел е да ги поддржи земјите во нивните напори за постигнување универзална здравствена покриеност преку развој на алатки за мерење на перформансите и стратегии за подобрување на системот на примарна здравствена заштита“, се наведува во владиното соопштение.