Од денеска почнува да функционира новиот сообраќаен режим на улицата „Прашка“, во населбата Тафталиџе 1. По оваа улица каде што има и повеќе воспитно – образовни установи, ќе се вози во една насока, со што ќе се ублажи метежот во овој дел од Карпош.
Денеска, за новото сообраќајно решение информираше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, како и менаџерот на Меѓународното училиште „Нова“, Иван Новаковски.
Со новата хоризонталната и вертикална сигнализација ќе се придонесе кон подобрување на безбедноста на сообраќајот во овој дел од Карпош. Тука веќе се поставија и четири платформи за забавување на сообраќајот (т.н. „легнати полицајци“). Во моментов се работи на поставување на „легнати полицајци“ и пред други основни училишта: „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“, „Димо Хаџи Димов“ и „Братство“, рече Богоев.
Пред медиумите се обрати и менаџерот на „Нова“, Иван Новаковски, затоа што ова меѓународно училиште го донираше проектот за целиот сообраќаен режим, а и во повеќе наврати ја покажаа својата општествена одговорност и грижа кон заедницата.
Новаковски потенцираше дека за еднонасочниот сообраќај разговарале со голем број родители и дека оваа иницијата денеска се реализира на негово задоволство.
Тафталиџе 1 беше најпогодено од непланската урбанизација, а со овие мерки ќе се санира дел од направената штета, рече Новаковски. Локалната самоуправа ќе продолжи со подготовка на проектите за еднонасочни улици, особено во деловите каде што има повеќе училишта и градинки.
Градоначалникот Богоев ги повика сите карпошани, граѓани, да ги почитуваат новите сообраќајни знаци, да возат внимателно и совесно, затоа што сите носиме одговорност за безбедноста во сообраќајот.