Стапката на смртност на новороденчиња во државава е значително намалена споредено со изминатите години. Со цел да продолжи тој тренд ќе се собираат неопходните податоци за да се утврдат причините за секој перинатален смртен случај (смрт на новороденче пред или седум дена по раѓањето), што детално ќе се анализира, како и целата постапка од почетокот на бременоста до нејзиното завршување, редовното одење на гинеколошки прегледи на мајката, стручноста на докторите, степенот на подготвеност на соодветните здравствени установи…
Разгледувањето на секој перинатален смртен случај ќе го врши Националната работна група за анализа и ревизија на перинаталната смртност формирана пред два месеца во соработка со УНИЦЕФ, што функционира при Министерството за здравство со 13 члена и нивни заменици. Нејзина основна цел е давање препораки во насока на стандардизирање и подобрување на квалитетот на грижата кон мајките и новороденчињата.
-Најголем раст на доенечката смртност имаше во 2013/2014 година – 10,2 промили на 1.000 живородени бебиња. За среќа, регистрирано е намалување на доенечката смртност, што во 2017 година изнесуваше 9,2 промили на 1.000 живородени бебиња, а според неофицијални податоци од статистиката, таа сега бележи надолен тренд – според првичните резултати околу седум промили (официјални податоци идниот месец ќе достави Заводот за статистика), вели доц. д-р Ана Данева Маркова, претседател на Комитетот за безбедно мајчинство и член на Националната работна група за анализа и ревизија на перинаталната смртност.
На одделот за неонатална интензивна нега на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, посочи таа, за 30 отсто е намалена доенечката смртност. Појасни дека над 90 отсто од превремените породувања завршуваат на Клиниката, а најголемата причина за доенечката смртност е предвременото породување.
Во изминатиот период, нагласи д-р Данева Маркова, одделите се доекипираа и се опремија, се вработија дефицитарните кадри кои недостигаа (педијатри и анестезиолози) и сето тоа резултираше со видливо подобрување на виталните индикатори за репродуктивно здравје.
Таа истакна дека првпат годинава, Министерство за здравство формираше и спроведе обука на работна група, во соработка и подршка на УНИЦЕФ, со цел квартално, но, по потреба и на пократок рок да ги разгледува сите перинатални смртни случаи со политика на доверливост, согласно методологија на Светската здравствена организација.
-Ако на пример, во Штип починало бебе затоа што имало доцнење во пристигнување на пациентката до здравствената установа, доцнеле постапките неопходни по протокол за соодветната состојба, или ненавремено било упатувањето кон Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство или Универзитетската детска клиника во Скопје, денес веќе постои национална работна група, обучена по стандардите на СЗО да направи ревизија, да ги утврди недостатоците, да предложи конкретни препораки до здравствените власти и во точно дефиниран период да направи мониторинг на сето тоа, вели доц. д-р Данева Маркова.
Националната работна група за анализа и ревизија на перинаталната смртност, посочи таа, ќе ги разгледува систематски сите такви случаи, се со цел континуирано да се унапредува нивото на сите услуги во доменот на перинатологијата.
Според неа, доколку некоја болница нема експертиза, значи нема доволно луѓе, медицинска соодветна екипираност што би морало да ја покрие евентуалната компликација, неопходно е истата да се зајакне или поврзе со најблиската поголема установа. Потенцира дека во исто време за да не се случи тоа што се случувало во минатото, мора да има добра Итна медицинска помош, што ќе биде и екипирана и едуцирана во тие 15-30 минути, додека се пристигне до најблиската поголема установа соодветно да ја транспортира пациентката или новороденото.
-Овде, во минатото многу не е направено. Во некои од Клиничките болници по евалуацијата спроведена од Министерство за здравство, констатирано е дека постои намалување и до 30 отсто на интервенциите, затоа што голем број пациенти ги заобиколуваат помалите родилишта и завршуваат на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и во Специјалната болница „Мајка Терза” во Чаир, нагласи доц. д-р Данева Маркова.
Со цел да се смени пристапот кон денешното породување, потенцира таа, во двете поголеми родилишта во државата Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и Клиничката болница во Тетово на обука беа 47 здравствени работници (гинеколози, педијатри, акушерки, неонатолошки сестри).
Во однос на детекција на сите овие состојби и ризици, доц.д-р Данева Маркова појасни дека тенденција е во иднина, матичните гинеколози задолжителните прегледи (барем шест во текот на бременоста) да ги внесат во електронскиот систем МојТермин.
-Тогаш јас при евалуација на некоја пациентка, само ќе го внесам матичниот број и ќе ги имам сите нејзини прегледи. Кога ќе ја правам евиденцијата при прием ќе имам само една електронска акушерска историја што ќе ги интегрира од примарно до терциерно ниво сите податоци. Со тоа ќе имаме можност да го анализираме случајот, затоа што само тоа е единствен начин за идентификација на ризици, и најреален пристап да се подобриме и позитивно да влијаеме на перинаталниот исход, истакна д-р Данева Маркова.
Се уште нема правилна класификација на мајчината смртност, затоа што, вели таа, дел од жените кои починале од состојби поврзани со бременоста, не се секогаш врзани со родилиштето од каде доаѓаат или Клиниката за гинекологија, некоја од нив може да почине на Клиника за кардиологија, во шок соба на КАРИЛ, на Инфективна клиника и едноставно да се изгуби од евиденција. Посочи дека во однос на мајчината смртност многу се важни анестезиолозите и нивната експертиза без кои гинеколозите во помалите родилишта не може да се справат во најтешките состојби поврзани со мајчината смртност. Неопходно е нивно вклучување во идните проекти и мултидисциплинарни обуки.
Во врска со ротацијата на гинеколози во градовите Македонски Брод, Крушево и Демир Хисар, посочи дека со мобилни екипи веќе се договара да се работи во тие три општини, по претходна доекипираност, во моментот постои кадар кој ќе продолжи да се грижи за сите пациенти каде постои недостапност на овие услуги.
-Мора сите недостатоци во родилиштата низ таква една систематска анализа да ги проанализираме, да ги дадеме препораките, па тогаш да очекуваме резултати. Неопходно е постојано и објективно следење на сите состојби и проблеми во регионите поврзани со перинатологијата. Не се потребни само финансиски средства, потребна е и добра волја, знаење и оптимизам кон сето тоа и посветеност на сите нас, а со тек на време ќе дојде и мотивираноста на помладите наши колеги доколку го препознаат овој здравствен систем како надежен и сигурен, рече д-р Данева Маркова.
Според неа, загрижува и одењето во пензија на докторите и бројот на нови гинеколози во секундарното здравство во наредните четири години и бројот на акушерки, што не се стимулира да расте.
На прашањето колкава е возраста на најмалата трудница, таа посочи дека таа има 14 години и дека има тренд на пораст на адолесцентна бременост. Главно се несакани бремености, нагласи, а голем е бројот и на тие што ја посакуваат бременоста.
– Сега ги прошируваме активностите и за година-две ќе бидеме насочени кон контрацепцијата, затоа што имаме најниска стапка во регионот, и кон планирање на семејство, не само за користење контрацептивни методи, особено акцент ќе се стави на адолесцентната бременост и едукацијата. Заедно со кампањата за контрацепција мора да се изготви добар план за планирање на семејство и да се најде начин како да се дојде до тие млади луѓе, можеби најдобро преку кампања на социјалните мрежи. Се надевам дека некој контрацептив конечно ќе се најде на позитивната листа на лекови, додаде д-р Данева Маркова.
Проектот за намалување на мајчината и новороденечка смртност заеднички го спроведоа Владата, Министерството за здравство и Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во соработка со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, од септември до декември 2018 година.
Средствата што ги одвои Владата двојно беа зголемени од страна на УНФПА со што вкупниот буџет достигна до 5,7 милиони денари или околу 106 илјади американски долари.
Вршителот на должноста помошник-претставник на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Скопје, д-р Афродита Шаља – Плавјанска вели дека во рамки на соработката со Владата, спровеле обуки за ефективна перинатална грижа на 47 здравствени работници од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Клиничката болница во Тетово, за примена на практики согласно стандардите на Светската здравствена организација.
-Обуките се спроведуваа во мултидисциплинарни тимови сочинети од гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки кои се стекнаа со најновите знаења и информации базирани на докази. Воедно се изготвија и 15 гинеколошки и неонатолошки препораки за сите родилишта во државата. Очекуваме соработката со Владата да продолжи и да започнеме со спроведување на обуките и во останатите родилишта, додаде Шаља – Плавјанска.