Средба на претседателот Пендаровски со хрватската амбасадорка Баришиќ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ. Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска, при што беше констатирано дека се пријателски, без отворени прашања.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката од Република Хрватска за отпочнување на пристапните преговори со Европската унија и поддршката за членство на Република Северна Македонија во НАТО, потврдена со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во Хрватскиот сабор. Претседателот Пендаровски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи и во следниот период.

Претседателот Пендаровски изрази очекување за вреднување на напорите на Република Северна Македонија од страна на Европскиот совет и скорешно одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, како клучен предуслов за обезбедување на напредок и трајна стабилност во поширокиот регион.

Амбасадорката Баришиќ, во име на Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, му честиташе на претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во работата и изразувајќи уверување за натамошно продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави.

Треба да знаете
Последни објави