Ова е голем ден, не само за нашиот Универзитет туку и за државата затоа што еден од главните столбови и стожери на државата е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. УКИМ е најстар, најдобар и најголем универзитет во републиката, порача ректорот на овој универзитет Никола Јанкуловски.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје денеска со повеќе активности ја одбележа 70-годишнината од основањето и 24 Мај, Денот на светите Кирил и Методиј и патрониот ден на Универзитетот.
Јанкуловски истакна дека во изминатите 70 години максимално се вложиле професори, ректори, проректори за да го подобрат и да го унапредат развојот на нашиот универзитет. Им оддаде почит на сите нив и порача дека треба да породолжи епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј за добробит на идните генерации студенти.
Во универзитетскиот кампус се одржа молебен посветен на браќата просветители, со кој чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. На споменикот на светите Кирил и Методиј цвеќе положија делегации на УКИМ предводена од ректорот Никола Јанкуловски, владина делегација предводена од министерот за здравство Венко Филипче во чиј состав беа и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и државниот секретар за образование и наука Енвер Хусеин, од Кабинетот на претседателот на Стево Пендаровски, од дипломатскиот кор, од Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ, од повеќе факултети, институти, од Сојузот на борците на Македонија, од дипломатскиот кор….
Во аулата на Ректоратот беше промовирана монографијата „Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје 1949 – 2019″. Монографијата ја промовира деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев, кој истакна дека се работи за 598 страници, за текст испишан на македонски и на англиски јазик, за пет големи целини. Читателите ќе имаат можност да прочитаат како се развивал Универзитетот и како неговата научна дејност и настава за студенти од разни краишта на нашата земја постепено излегувала од нејзините граници, се раширила низ регионот и подалеку низ светот. Содржани се премрежињата на УКИМ, неговата сегашност и неговата визија.
– Овие страници се сведоштво за продолжението на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, за Црноризец Храбар, од генерации професори, соработници, службеници и студенти во изминатите 70 години, нагласи Дуев.
На најдобрите студенти на УКИМ им беа доделени награди. Свечената академија ќе се одржи вечер, од 20 часот, во зградата на Филхармонија, каде се предвидени обраќања на ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и премиерот Зоран Заев. Ќе настапи хорот „Драган Шуплевски” и симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност по диригентство на Сашо Татарчевски и Борјан Цанев.
Предвидена е и проекција на филмот за 70-годишниот развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.