Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје утре, 22 мај, ќе се одржи чествување на Гане Тодоровски. На средбата посветена на 90 години од неговото раѓање беседа за големиот македонски поет ќе одржи писателот Раде Силјан а стихови од неговото творештво ќе интерпретира актерот Томе Витанов.
Чествувањето ќе започне во 12 часот во Спомен – собата на Миладиновци во библиотеката.
Бардот на македонската поезија Гане Тодоровски зад себе остави големо богатство од книги, научни истражувања и препеви. Тој беше исклучителан поет, преведувач, професор и член на МАНУ, книжевен теоретичар, општественик, историчар и публицист. Неговото дело е високо вреднувано од македонската книжевна и научна јавност, тој е преведуван на многу светски јазици и е добитник на највисоките книжевни награди во Македонија. Роден е на 11 мај 1929 година а починал на 22 мај 2010 година.