Шпанските законодавци од Каталонија, кои се во затвор поради својата улога во одржувањето референдум за независност на таа покраина во 2017 година, денеска, привремено, ги зазедоа своите места во националниот Парламент во Мадрид.
Шпанскиот Врховен суд минататам недела им одобри на петмината каталонски сепаратистички лидери да го напуштат затворот за да положат заклетва во Парламентот, но пратеничкото место нема да им гарантира имунитет од судењето за нивната улога во настојувањата за независност на Каталонија.
Ориол Жункерас, Жозеп Рул, Жорди Турул и Жорди Санчез освоија пратенички мандати во Долниот дом на шпанскиот Парламент на изборите одржани во април, додека Раул Ромева доби мандат во Сенатот.
Тие во моментов се во притвор и им се суди по обвиненијата за бунт и злоупотреба на средства во врска со организирањето референдум за независност на Каталонија во 2017 година. Каталонските лидери ги негираат обвиненијата.
Судот не го прифати барањето на обвинетите за суспензија на судењето или за уважување на пратеничкиот имунитет. Судот им дозволи да присуствуваат на конститутивната седница, со барање каталонските лидери да имаат адекватна заштита за да се осигура нивната безбедност на седницата, по која, без одложување, мора да се вратат во притвор.
Претходно, Суд во Мадрид дозволи поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон, кој е во егзил во Белгија за да избегне апсење, да се кандидира на изборите за Европскиот парламент.