Во организација на Младински образовен форум (МОФ) денеска се одржа конференцијата „Средношколско организирање: предизвици и искуства”, чија цел е да се отвори простор за дискусија и препораки за унапредување на средношколското демократско организирање. Професори и ученици од 18 училишта од целата држава споделија ставови на оваа тема.
– Воведничари на првиот дел од настанот беа: Наталија Кижевска од секторот за средно образование во Министерството за образование и наука, Емилија Петрушевска – педагог во средното училиште „Шаип Јусуф” и Бисера Шегмановиќ – заменик дете правобранител во средното училиште „Васил Антевски –Дрен”. Во втората половина од настанот, присутните преку работа во две групи разменуваа предизвици но и добри практики меѓу професорите во една и учениците во друга група, соопштуваат од МОФ.
Наталија Кижевска од МОН сподели дека оваа есен треба да ги очекуваме новите текстови на законите за основно и средно образование.
– Неопходно е ученичкото учество како во основно така и во средното образование да биде регулирано, треба да образуваме учечници кои ќе ги препознаваат демократските вредности и ќе бидат активни млади луѓе, истакна Кижевска.
Педагогот Емилија Петрушевска раскажа за работата на ученичката заедница во училиштето „Шаип Јусуф”, додавајќи дека им е важна соработката со учениците и професорите, а на овој начин, преку заедницата, се трудат да ги поттикнат учениците и активно да земат место во средношколскиот живот.
Бисера Шегмановиќ зборуваше за нејзината работа како заменик дете-правобранител, нагласувајќи дека за жал, учениците не се многу информирани дека постои оваа функција во училиштето.
– Има многу простор да се зборува за правата и обврските на учениците – за нивно активирање, рече Шегмановиќ
Присутните дискутираа за вклучување на учениците на наставничките совети и нивното својство на овие на средби. Присутните професорите споделија дека првично мора да се работи на другите сегменти на ученичкото учество пред да се премине на нивно вклучување во работата на наставничките совети.
Овој настан е дел од проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето”, имплементиран од МОФ, Коалиција СЕГА и Детската амбасада „Меѓаши”, со поддршка од Фондацијата Песталоци.