На покана на министерот за надворешни работи на Романија, Теодор Мелешкану, министерот за надворешни работи Никола Димитров на 21 и 22 мај 2019 година, ќе престојува во официјална посета на Романија. Покрај средбата со својот хомолог, МНР Димитров ќе се сретне и со министерот за европски прашања, Џорџ Чамба, како и со потпретседателот на Долниот дом на романскиот парламент, Кармен-Илеана Михалческу. Исто така, во рамки на посетата на Букурешт, МНР Димитров ќе одржи предавање во Националниот универзитет за политички студии и јавна администрација, на темa „Политичката транзиција во Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО и ЕУ”.
Официјалната посета на МНР Димитров на Романија се случува за време на романското претседавање со Советот на ЕУ што претставува своевидно реафирмирање на романската поддршка за членството на нашата држава во Европската Унија. Романија беше меѓу првите НАТО-членки кои го ратификуваа Пристапниот протокол за членство во Алијансата.
За време на посетата, министрите Димитров и Мелешкану ќе потпишат Меморандум за соработка меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Романија во областа на европските интеграции.