Европската Унија е на прагот на голема криза вкоренета во некомпетентноста на бриселскиот естаблишмент, пишува „Вашингтон пост“ и додава дека тоа е приказна за гордоста и предавството, постојаните ветувања и кукавичлук.
Спроти почетокот на еврпоските избори, овој американски весник во авторски текст на Јасмин Мујановиќ, познавач на состојбите од Западен Балкан, потсетува дека во изминатите 16 години Брисел ветувал дека иднината на Балканот е во Европската Унија, пренесе српската новинска агенција „Танјуг“.
Во текстот се вели дека во јануари Скопје и Атина го финализирале нивниот тридеценискиот спор за името, а решението на спорот за името се должело на револуцијата предводена од граѓанското општество во денешна Северна Македонија, чија цел било соборувањето на тврдокорниот националистички авторитарен режим кој речиси ќе ја втурнел земјата во нова граѓанска војна.
„Европските дипломати ги убедуваа Македонците дека доколку го променат името, тоа ќе значи забрзан пат кон членството во ЕУ и НАТО. Членството во НАТО е обезбедено, но неверојатно мали се шансите за идејата за влез во ЕУ, која е најголемата награда за луѓето во регионот. Едноставно кажано, ЕУ излажа, а владите и народите во регионот се бесни“, се наведува во текстот на „Вашингтон пост“.