Кривична за поранешниот претседател на Регулаторна, ја оштетил државата за 6,6 милиони евра

Денеска (22.05) Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против лицата Д.П. (51), вработен како Претседател и член на  Регулаторна комисија за енергетика на Република Северна Македонија до јуни 2018 година, С.Ј. (61), вработена како член на Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија, В.К. (65), вработен како член на  Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија до март 2017 година и Е.М.В. (51), вработена како член на  Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија до декември 2017 година, а поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – “злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 став 1 од КЗ на РСМ.

Имено, пријавените во својство на службени лица, Претседател и членови на Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија, со искористување на својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на своето службено овластување, постапиле спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, при што во декември 2012 година на три правни субјекти им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности (регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија), без при тоа да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември 2012 година со Јавен повик за избор на носител на лиценца за регулиран производител на топлинска енергија, Јавен  повик за избор на носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и Јавен  повик за избор на носител на лиценца за снабдување на топлинска енергија.

Според документираните сознанија од истрагата тие, кршејќи ги одредбите од Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, во декември 2012 година, донеле Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител, на правното лице Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергја на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на правното лице Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ.

Покрај ова пријавените, од позиција на Претседател и членови на Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија, ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања и ги пречекориле границите на своите службени овластувања, и со тоа што во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, противправно и спротивно на Правилникот за цени и системски услуги, донеле Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход за производство на топлинска енергија за греење, надоместок за системски услуги и системска резерва и тарифен став за произведена топлинска енергија, Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и Одлука за утврдување на регулиран максимален приход за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија, со што на правните субјекти на кои претходно, противправно, им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности им се признавал трошок поголем од дозволениот и со тоа им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход.

Со преземање на горенаведените дејствија, односно со носење одлуки спротивно на Законот за енергетика, Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности и Правилникот за цени и системски услуги, Д.П., С.Ј., В.К. и Е.М.В. му овозможиле на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, а на штета на граѓаните – да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 409.549.941 денари или 6.659.349 евра.

 

Треба да знаете
Последни објави