Терористичките групи може да ги зголемат тензиите меѓу САД и Иран како можност за провоцирање војна меѓу двете страни, предупреди германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, на панел-дискусија во Хамбург.
Тој ја опиша ситуацијата на Блискиот Исток како „исклучително опасна” и ги повика двете страни да се смират.
– Тоа е регион во кој терористичките групи се активни. Терористите можат да нападнат за да ескалира напнатоста и да предизвикаат војна. И нема да бидат само САД и Иран кои ќе учествуваат во таа војна, туку целиот регион ќе потоне во пламен, предупреди Маас.
Тој ги потврди обидите на Германија да најде дипломатско решение за решавање на ова несогласување со Иран во врска со нуклеарната програма на земјата и нејзиното влијание во регионот.