Мали инциденти меѓу демонстрантите и полицијата се случија во центарот на Атина за време на синоќешниот протест за поддршка на лидерот на терористичката организација „17 Ноември” Димитрис Куфодинас, кој поради неодобреното барање за дозвола за излез од затвор, од 2 мај штрајкува со глад.
Инцидентите се случија кога полицијата со солзавец ги спречи демонстрантите, членови и поддржувачи на анархистички групи и здруженија, да го пробијат полицискиот кордон и да испишат слогани на ѕидови и предизборни штандови.
И покрај присуството на полицијата, демонстрантите нанесоа мала штета и испишаа слогани на предизборниот штанд на кандидатот за градоначалник на Атина на опозициската Нова демократија, Костас Бакојанис, чиј татко беше една од жртвите на Куфодинас и на терористичката организација „17 Ноември”, јави дописничката на МИА од Атина.
По инцидентот, Бакојанис во изјава за државната телевизија ЕРТ им порача на сторителите, да се молат да не биде избран за градоначалник.
– Не е поврзано со тоа дали мене лично ме разбеснува дрскоста некој да го напише името на убиецот на татко ми на нашиот штанд. Овде имаме симптоми на поширока патогеност. Тие се истите луѓе кои го вандализираа Парламентот, вели Бакојанис.