Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска ќе допатува во дводневна посета на Грција, при што попладнево во Атина ќе се сретне со поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, јави дописничката на МИА.
– Посетата означува вртење нова страница помеѓу Вартоломеј и атинскиот архиепископ, Јеронимос, бидејќи нивните односи во изминатиот период беа заладени, пишува „Катимерини”.
Патријархот Вартоломеј утре ќе замине за областа Дилеси, каде што во присуство на архиепископот Јеронимос и претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос грчкиот претседател, свечено ќе биде отворен Центарот за геронтологија, грижа и поддршка „Свети Порфири” на Атинската архиепископија, што е изграден на црковен имот на површина од 27 хектари со капацитет од 64 места.
Во петок, вселенскиот патријарх ќе се сретне со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат и со грчкиот министер за образование и религија Костантинос Гавроглу, а пред да замине од Атина ќе присуствува на официјална вечера во негова чест, приредена од Светиот синод на ГПЦ.