Северна Македонија го отвора процесот на подготовка на Програмата за економски реформи заедно со ЕУ. Ова е вистинскиот момент да се почнат економските реформи. Земјата е политички стабилна, го реши проблемот со името и сега целата енергија може да ја насочи кон спроведување економски реформи.
Ова беше порачано на денешна конференција што се одржа во Скопје за ПЕР за период 2020-2022 година.
-Ова е вистински момент да зборуваме за економски реформи. Остварена е политичка стабилност, решено е прашањето за името. Има јасна перспектива за интегрирање во просперитетниот и динамичен европски пазар. Енергијата што беше фокусирана кон решавање на името и договорот, може да се ослободи за спроведување реформи во економските политики и има големи очекувања кај населението, истакна Валтер Дефа, советник на Владата на Република Северна Македонија.
Порача дека сега е момент да се оди чекор понатаму и да се тргне напред, а најважна е имплементацијата и тоа не само од Министерството за финансии, туку и од сите институции и засегнати страни.
Според него, она што треба да го направи земјата е повеќе инвестиции, но не повеќе јавен долг, зашто тоа е ризик што е товар за идните генерации.
– Нема фискален простор за дополнителни расходи. Да се фокусираме на јавните финансии, на реформи во образованието и да се почне со подготовка на стратегиите уште сега, а не да се чека на одлуката на ЕУ, порача Дефа, кој додаде дека за сите реформи е потребно време и тоа не од една година, туку и по 2022 година.
Минисерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека земјата прави реформи, и оти Владата гледа да се движат работите напред.
– Членството во ЕУ е јасен приоритет на Владата. Тоа се гледа и од спроведувањето на мерките од Програмата за економски реформи. За споредба, откако започна да се подготвува Програмата, до 2017 година, реализацијата на препораките од заедничките заклучоци, беше доста ниска. Постојано беше посочувано дека земјата нема стратегија за реформи во јавните финансии, недоволна транспарентност во јавните финансии, честа промена на законите и некористење на алатката ЕНЕР за консулатции со јавноста по предлог закони, како и непреземање на активности во однос на неформалната економија, рече Тевдовски, додавајќи дека со последните две програми за економски реформи, поконкретно Програмата 2018 и Програмата 2019, направен е целосен пресврт во поставување и реализација на мерките.
Министерот потенцира дека првпат имаме јасна и кредибилна Стратегија за реформи во јавните финансии, значително е подобрена транспарентноста во јавните финансии, стабилизирано е нивото на јавниот долг, зпочна отплатата на доспеани неплатени обврски на јавниот сектор, редовно се користи алатката ЕНЕР за консулатции со јавноста по предлог закони, донесена е Стратегија за формализација на неформалната економија и веќе има спроведено активности предвидени со Акцискиот план 2018-2020 година.
Потенцира дека фокусот во наредната програма ќе биде ставен на намалување на невработеноста и на сивата економија.
Андреас Пападопулос од Генералниот директорат на ЕК за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, истакна дека главна цел на подготовката на Програмата за економски реформи е да го подобри среднорочното економско планирање со цел подобро дизајнирање и имплементирање на структурните реформи што ќе го поттикнат инклузивниот раст и конкурентноста.
-Програмата за економски развој им помага на земјите кандидати постепено да се приспособат на критериумите за членство – постоење на функционална пазарна економија и конкурентност на пазарот, рече Пападопулос порачувајќи дека е важно одговорност за спроведување на препораките.
Словенечките искуства ги пренесе Саша Јазбец, државен секретар во Министерството за финансии, кој аистакна дека е важно да се преземе одговорност, политичка волја за спроведување на реформите и имплеметација на сите нивоа.
Јана Репаншек, директорката на Центарот за извонредност на финансиите (ЦЕФ) на конференцијата посочи дека Центарот започнал со имплементација на регионален проект за поддршка на земјите во процесот на подготовка на програмите за економски реформи.