– Безбедносната состојба во второто полугодие од 2018 во Прилеп била поволна и стабилна. Се бележи намалување на криминалот од 11, 5 отсто во споредба со 2017 година. Ова е дел од извештајот на прилепската полициска станица што го усвоија советниците на денешната седница за безбедносната состојба во Прилеп.
Според Билјана Мантароска, помошник командир за јавен ред и мир и превенција при прилепската полициска станица, забележано е намалување на криминалот во општината.
-Активностите на прилепската полициска станица во текот на второто полугодие од 2018 година, беа насочени кон зголемени професионалност и степен на ефикасност во спречување и откривање на сите форми на криминалитет и обезбедување стабилен јавен ред и мир, како и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во нашата општина. Во овој шестмесечен период, криминалитетот бележи намалување во однос на 2017 година од 11,5 отсто. Или поточно, за разлика од 2017 година, кога биле регистрирани 751 кривично дело, во периодот од јули до декември 2018 година, нивниот број изнесувал 664. Безбедносната состојба со јавниот ред и мир за споменатиот период се оценува како поволна и стабилна. Во областа на сообраќајот, се регистрирани 103 сообраќајни незгоди со потешки последици, во кои животот го изгубиле осум лица, изјави Мантароска.
Прилепските советници ги прифатија тримесечните извештаи за финансиското работење на општинските јавни претпријатија: „Водовод и канализација”, „Комуналец”, „Пазари”, Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, како и финансискиот извештај на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник”.
На денешната седница, советниците ја прифатија Програмата за решавање на проблемот со сопственичките и бездомните кучиња на територијата на општина Прилеп за периодот 2019-2021 година. Советниците донесоа и одлуки за легализирање на бесправно изградени објекти.
Уште во почетокот на седницата, по расправата за првата точка, која се однесуваше на носење, измени и дополнување на статутот на Општината, опозициските советници од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.