Општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци” во Општина Центар денеска на едно место ги собра своите поранешни, сегашни и идни генерации ученици, но и наставници на денот на кој го одбележува својот јубилеј- пет децении успешна работа.
Училиштето за јубилејот подготви дводневна програма во училишниот двор со приредба на учениците, настап и обраќање на гостите и пред се, забава со наставниците, учениците и нивните родители, но и поранешните ученици и пензионираните наставници.
Меѓу присутните беа и познати јавни личности од политичкиот и забавниот живот во градов, а кои своите училишни денови ги поминаа во клупите на „Песталоци“.
Настапуваат Џон Илија Апелгрин, Гаро, Тони Китановски, „Бандикс”, поранешни ученици во училиштето и два млади бенда од ученици кои во моментот учат во училиштето. Свеченото одбележување на јубилејот продолжува и утре, за кога е закажана централната манифестација.
Во рамките на одбележувањето на 50-годишнината, општината издаде монографија на училиштето наречена „Pestalozzi”, на авторот Кочо В Костов, и е посветена на објектот во кој е сместено ова основно училиште.
Фото: Слободан Ѓуриќ