Кинескиот амбасадор во Вашингтон, Цуи Тјанкај ги обвини САД дека со постојаната промена на мислењата, придонеле за пропаѓање на преговорите меѓу двете земји за прекин на трговската војна.
– Доколку го погледнете процесот на трговски разговори меѓу нас во последната година, веднаш ќе сфатите дека американската страна за една вечер повеќепати го промени мислењето и го уништи договорот, што беше постигнат во тој момент, изјави Цуи во интервју за телевизијата Фокс.
Тој нагласи дека Кина останува подготвена за продолжување на преговорите со американските претставници со цел да се дојде до решение.
– Нашата врата е се уште отворена, додаде кинескиот амбасадор.
По шестмесечно „примирје” во трговската војна, за кој период се одвиваа преговорите меѓу САД и Кина, Вашингтон на 10 мај донесе одлука за зголемување на царините за увоз на кинески стоки на 200 милијарди долари, што доведе до пропаѓање на разговорите. Како реципрочна мерка, Пекинг најави дека од 1 јуни ќе воведе царини за американски стоки во вредност од 60 милијарди долари.
Цуи се осврна и на одлуката на САД да забранат размена или трговија на американска технологија со кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј”, оценувајќи дека таа е „политички мотивирана”.
– Тоа е многу вознемирувачко. Таквите одлуки навистина ги поткопуваат безбедноста и нормалното функционирање на пазарот, нагласи Цуи.
Вашингтон веќе подолг период го обвинува „Хуавеј” за поврзаност со кинеските разузнавачки служби и дека ја користи својата технологија за шпионажа. По првичната најава за забрана за размена и трговија со американска технологија за „Хуавеј”, Вашингтон неделава соопшти дека ја одлага забраната за период од 90 дена, со цел да даде „место за дишење” и да се избегне избувнување на поголем трговски конфликт.