Забелешките што се наведени во Извештајот на УНЕСКО кој треба да биде разгледан на 43-та сесија на Комитетот за културно наследство што ќе се одржи наредниот месец во Баку, ја покажуваат фактичката состојба на Охридскиот регион која беше детектирана уште во мониторинг мисијата на УНЕСКО која беше направена во април 2017 година, велат од Општина Охрид.
Од таму велат дека во изминатите две години ги зеле предвид сите препораки во однос на ова прашање и во рамки на своите законски надлежности сериозно се посветиле на исполнување на барањата на УНЕСКО.
Важно е да се напомене, велат од Општината, дека во рамки на Извештајот освен негативните забалешки, посочени се и сите позитивни активности, на кои нашата локална самоуправа работеше заедно со владините институции.
„Во делот на позитивните забалешки наведени се Одлуката за откажување од Проектот за изградба на Ски центарот на Галичица и Автопатот А3 од Охрид до Св.Наум и започнување на проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Исто така во однос на препораките донесена е и владина одлука за формирање на новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем, што е важно во делот на препораките за подобрување на системот за отпадни води. Во тек е постапката за донесување на Планот за управуавње со природното и културното наследство на Охридскиот регион, а во понеделник на 27-ми мај ќе се одржи Информативна сесија за Нацрт-извештајот за Стратегиската оцена на влијанието на животната средина од спроведувањето на овој план. Исто така во владина процедура е и носење на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, велат од Општината.
Во согласност со ставот на Владата, Општина Охрид цени дека препораките од Извештајот на УНЕСКО треба да бидат стимул за сите институции и за граѓаните за да се работи посветено и со поголем интензитет за зачување на нашето уникатно светско природно и културно наследство.
УНЕСКО во најновиот извештај препорача да го стави природното и културното наследство на Охридскиот регион на листата на загрозено светско наследство како резултат на недоволниот напредок од решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои претставуваат потенцијална опасност.