Охрид и крајбрежјето на охридското езеро станаа место за несоодветна градба и урбано развивање, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој. Охрид стана синоним за дивоградби, обвини Сашо Донев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
Тој праша зошто локалната власт и Георгиески дозволиле Охрид да биде на врвот на листата со дивоградби и зошто покрај рокот за легализација свесно дозволиле да се изградат стотици дивоградби и дали тоа е, како што кажа, фактурата за спроведениот изборен инженеринг?
„Зарем УНЕСКО требаше да Ви каже дека бетонската база е изградена во населено место на стотина метри од Охридското Езеро и од болницата Св. Еразмо Охридски? Но очигледно треба да Ви посочи некој дека оваа дивоградба е темпирана еколошка бомба и за езерото, и за животната средина и здравјето на граѓаните. Градоначалникот конечно се одважни да почне со исполнување на препораките од пред две години кои требаше до сега сите да се реализирани, од она што е напишано во последната точка и последниот ред во извештајот на УНЕСКО, а тоа се палмите“, рече Донев.
Се разбира, додаде тој, полесно е да се отстранат палмите отколку да се отстранат стотици диви градби од кои најголемиот број никнуваат токму последниве две години.
„За охриѓани, но и за туристите, ќе следат состаноци, одлуки, преговори и договори во врска со истите, но нема да следи и отстранување и конечно запирање со неконтролираното градење во Охрид. За УНЕСКО ваквите претстави повеќе не поминуваат. Господине Георгиески, Соберете храброст како татко на градот, одважете се и започнете со рушење на дивоградбите како што тоа го сторивте со палмите, и престанете со замајување на јавноста. Ако сте свесни за критиките на УНЕСКО, веднаш реагирајте“, порача Донев.