Црна Гора беше меѓу првите земји што го ратификуваше протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, којшто ги охрабри сите други земји да тргнат во брза постапка за ратификација на протоколот. Црна Гора беше најактивната земја членка на НАТО што работеше за нас во сите наши чекори до пристапување во Алијансата, а е еден од нашите први пријатели и во нашиот процес за членство во ЕУ.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Подгорица со неговиот домаќин, црногорскиот премиер Душко Марковиќ, на која информираа за резултатите од посетата на македонската владина делегација на Подгорица и од одржаната прва заедничката седница на двете влади.
-Мене ме радува што сите овие години на независност, како и во сите години претходно во заедничката држава, нашите две земји беа одличен пример на искрено пријателство што го негувавме низ годините и децениите, и што тоа се надоградува во сите овие години. Денеска одржавме заедничка владина седница, како прва, историска, владина седница. Потпишавме четири договори и меморандуми од областа на одбраната, на внатрешните работи за заштита на тајните податоци, како и во екологијата и здравството, рече Заев.
Премиерот Заев, воедно се заблагодари на Црна Гора за поддршката на нашата евроатлантска интеграција.
-Сакам да испратам огромна благодарност што Црна Гора во целиот овој период ни дава голема поддршка за нашето членство во НАТО и ЕУ. Црна Гора беше меѓу првите земји што го ратификуваше протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, којшто ги охрабри сите други земји да тргнат во брза постапка за ратификација на протоколот. Црна Гора беше најактивната земја членка на НАТО која работеше за нас во сите наши чекори до пристапување во алијансата. Црна Гора е еден од нашите први пријатели и во нашиот процес за членство во ЕУ. Премиерот Марковиќ, на претседателот Ѓукановиќ, на сите свои средби го потенцираат нашето право, после 14 години да добиеме датум за почеток на преговори. Јас сум му благодарен на премиерот Марковиќ, на целата Влада на Црна Гора, затоа што навистина и помагаат на нашата земја како да се борат за својата земја. Тоа треба да го знаат граѓаните и на Црна Гора и на Северна Македонија. Тоа искрено пријателство треба да им даде сериозна позитивна перцепција на граѓаните дека имаме огромни перспективи за секаков вид соработка, рече премиерот Заев.
Кажа дека ние очекуваме ова лето, конечно датум за почеток преговори по поглавја после 10 позитивни препораки од Европската Комисија.
-Да бидам искрен, нема да застанеме тука во нашата благодарност за помошта од вас. Секогаш сме тука и да возвратиме, но вашето искуство од поглавјата кои успешно ги затворате, и на внимателен начин ја носите Европа во Подгорица и Црна Гора, е огромно знаење и потенцијал. Пријателството меѓу нашите две земји нека остане убав спомен за генерациите што доаѓаат после нас. Секако, овде нема да застанеме. Ќе продолжиме понатаму. Имаме убави перспективи пред нас. Испраќам пораки и до соседните земји ова убаво искрено пријателство меѓу нашите две земји да биде урнек, модел, и за другите, затоа што ако Западен Балкан и Балканскиот полуостров подобро соработуваат, и Европа повеќе ќе не цени и почитува, порача Заев.
Премиерите Заев и Марковиќ денеска ја поздравија и работата на стопанствениците на Бизнис форумот, што, како дел од програмата, ја организираа стопанските комори на двете земји и ги охрабрија бизнисмените и деловните луѓе да го следат пријателството меѓу нашите две влади, меѓу нашите две земји и да ја унапредат економската соработка меѓу компаниите.