Заев: Да го одбележиме епохалното просветителско значење на Светите Кирил и Методиј, нивната мисија за описменување е меѓу првите примери на поврзување на различни култури

По повод 24. Мај, Денот на сесловенските просветители, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев упати честитка до граѓаните. Честитката ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани на Република Северна Македонија, честит 24 Мај – Ден на Светите браќа Кирил и Методиј!

Денешниот празник, 24. Мај, Денот на сесловенските просветители повикува да го одбележиме извонредното епохално и просветителско значење за Европа, светот и Северна Македонија, изразено преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.

Целта на мисиите, покрај христијанизација, описменување и просветлување, била и остварување на теолошка апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазика – на латински, грчки и германски.

Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна од неговите следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе се создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.

Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.

Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите.

Просветителската мисија на Светите браќа Кирил и Методиј беше инспирација и за работата на просветните работници и институции, и во оваа прилика упатувам и честитки и по повод Денот на просветните работници.”

 

 

Треба да знаете
Последни објави