Делото на светите браќа Кирил и Методиј има изворедно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значање за Европа, светот и Република Северна Македонија изразено преку нивните мисии меѓу сесловенските народи од 9 век, а просветителската мисија како поттик на епохален цивилизациски процес.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето денеска на свеченоста по повод Денот на сесловенските просветители и учители св. Кирил и Методиј – 24 Мај што се одржи во Националната филхармонија во Скопје, во организација на Владата на која присуствуваа министри, македонисти, претставници на униврезитети, на научни институции, религиозни заедници, дипломатскиот кор.
Осврнувајќи се при тоа на мисиите на солунските браќа кај Сарацените и во Моравија рече дека нивната намера била Библијата да биде достапна за сите Словени, преку писмо разбирливо за словенските народи да се органиизра заедништвото во црквата како суштинска карактеристика на христијанската вера и имала наднационално-цивилизаторска и обединувачка улога. Своето вистинско место двајцата првоучители, додаде, го добиле со нивното прогласување од страна на Католичката црква за патрони – заштитници на Европа во 1980 година.
– Овој чин само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на повзрување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме. Оваа вредност еве и после повеќе од 1.150 години не учи и не инспирира. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина, порача премиерот Заев.
Професорката на катедрата за македонска и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, поетеса, критичар и есеист, Кристина Николовска пред присутните се осврна на инспирацијата во македонската современа поезија од монументалното дело на Светите просветители и првоучители Кирил и Методиј, татковци на првата словенска азбука – азбука прамајка од која се родија, рече, словенските азбуки-рожби.
-И време е во оваа свечена вечер и на небото да му јавиме, дека всушност, целата современа македонска поезија, и воопшто нашата литература, е не само исконска инспирација за поетите почнувајќи од Св Климент Охридски, туку е исполнет завет кон делото на прародителите на словото нивно. И речиси нема поет што не им се поклонил на великаните преку стих, преку стихотворна почит, рече Николовска, приложувајќи цитати од редица македонски поети како Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Радован Павловски….
За колегата на Николовска, проф. Људмил Спасов култот на Светите браќа Кирил и Методиј има длабоки корени кај нашиот народ и земја, како и во соседните земји и народи во регионот, особено преку почитта на нивните ученици петочислениците(Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), а почитта кон нив се одржува и кај муслиманското население од овие краишта.
-Сето ова ги надминува границите на верата и навлегува во областа на просветата на народот и неговата заедничка здружувачка култура. Ова укажува и на уште една мошне важна поука. Ако еднаш во минатото овој регион живеел без граници, тоа може да го прави и во иднината, рече Спасов.
Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.